Во областа меѓу Туркије и Сирија повеќе од 100 години се нема случено толку голем земјотрес како оној што во понеделникот утрото ја погоди турската провинција Кахраманмараш, вели директорот на швајцарската сеизмолошка служба Штефан Вимер.
Тој ова го изјави за швајцарскиот телевизиски канал SRF на германски јазик говорејќи за земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтер кои погодија 10 провинции во јужна Туркије.
Според Вимер, не е случајно што силните земјотреси често се случуваат меѓу овие две земји. Тој истакнува дека во регионот постојат граници на неколку плочи.
„Овде е раседот на Источна Анадолија, каде што тензиите се акумулираат и се намалуваат, особено со земјотресот со јачина од 7,7 степени. Таков голем земјотрес е навистина редок“, рече Вимер.
Тој додаде дека во светот можеби еднаш годишно се случува земјотрес со јачина од 8 степени. Давајќи пример од историјата, директорот на швајцарската сеизмолошка служба истакна дека Алепо многупати го потресувале големи земјотреси, но сепак не толку голем земјотрес како овој со јачина од 7,7 степени.
Вимер истакна дека се случуваат последователни потреси со денови, недели, па дури и месеци по вакви големи земјотреси. Според Вимер нивниот број и интензитет со текот на времето е помал.