Туркије секојдневно го зголемува уделот на обновливите извори на енергија во вкупниот инсталиран капацитет, а 2024 година ќе биде рекордна во однос на зголемувањето на вкупниот инсталиран капацитет, изјави денес турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Алпарслан Бајрактар, јавува Анадолу.
„Туркије може да ги задоволи потребите за електрична енергија на сите домаќинства во земјата преку ветерната и сончевата енергија“, рече Бајрактар на Истанбулскиот енергетски форум, организиран од Анадолу под покровителство на Министерството за енергетика и природни ресурси.
„До 2035 година, имаме за цел четирикратно да го зголемиме нашиот моментален инсталиран капацитет на ветерна и сончева енергија“, додаде Бајрактар.
Минатиот месец министерот Бајрактар објави дека Туркије има за цел до 2035 година да го зголеми инсталираниот капацитет на ветерна и сончева енергија до 120.000 мегавати, за што е потребна инвестиција од речиси 80 милијарди долари.
- Регионална соработка -
Истакнувајќи дека Туркије ќе продолжи да ја развива регионалната енергетска соработка, Бајрактар рече дека земјата ќе развие проекти кои ќе придонесат за енергетската безбедност на Туркије, како и на регионот.
„Анкара е одлучна во развивањето меѓународни нафтоводи и гасоводи, линии за пренос на електрична енергија и природен гас со своите соседи“, додаде турскиот министер.
Тој посочи дека на маргините на форумот разговарал и за овие билатерални и мултилатерални проекти за енергетска соработка со неговите колеги министри и претставници на компании од повеќе земји.
Нагласувајќи дека енергетскиот сектор поминува низ многу важни предизвици, Бајрактар рече дека може да се појават „пред нас многу попредизвикувачки процеси“.
„Ние сметаме дека можеме да бидеме подготвени за овие предизвици само преку силна регионална соработка и регионални проекти, и дека можеме да менаџираме со овие процеси преку тесна соработка“, додаде тој.