Ердоган им го честиташе Фитр Бајрам / Photo: AA

Утрово голем број верници клањаа Бајрам намаз во џамиите низ Република Туркије, со што започна еден од двата големи муслимански празници, Рамазан Бајрам.

Верниците традиционално ги наполнија џамиите, но и нивните дворови во Истанбул, Анкара, Измир, Коња, Бурса, како и во сите други турски градови, вклучително и Хатај и другите на југот на земјата кои беа погодени од разорниот земјотрес во февруари.

Верниците се молеа и во џамијата Аја Софија во Истанбул, а меѓу верниците на таа истанбулска убавица беше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

На молитвата го придружуваа претседателот на Големото народно собрание на Туркије (ТБММ), Мустафа Шентоп, министерот за здравство Фахретин Коџа, министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој, шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, гувернерот на Истанбул, Али Јерликаја, и други официјални претставници.

Исто така, илјадници верници во главниот град Анкара ја извршија бајрамската молитва во џамиите Хаџи Бајрам Вели и Кочатепе.

Во џамиите на Туркије утрово се одржа пригодна верска програма, како и изучување на делови од Куранот, а посебна програма се одржа и во истанбулската Велика Чамлица.

По бајрамската молитва, верниците традиционално одат на гробиштата за да ја рецитираат Фатиха, првата сура од Куранот, пред душите на починатите членови на семејството. Исто така, Бајрам е можност луѓето да се посетат меѓу себе, особено најмладите, кои собираат подароци за време на празникот.

Претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган преку објава на социјалната мрежа Твитер им го честита празникот Рамазан Бајрам на муслиманските верници.

„Честитки за празникот Рамазан Бајрам на нашата нација и на исламскиот свет. Му благодарам на Бог што не донесе уште еден Бајрам. Уште еднаш посакувам Божја милост за нашите граѓани кои ги загубија животите во земјотресите и поплавите, а на нивните роднини да им даде трпение“, напиша Ердоган на Твитер.

Ердоган по молитвата во џамијата „Аја Софија“ размени честитки со граѓаните по повод Рамазан Бајрам.

Турскиот претседател по молитвата даде изјава за медиумите, при што го пофали пуштањето во употреба на природниот гас на неговата земја во Црното Море, потсетувајќи дека првично граѓаните ќе имаат бесплатна потрошувачка на гас за еден месец, а тие ќе го имаат бесплатно една година природниот гас што се користи за кујни и потрошувачка на топла вода.

Ердоган нагласи дека ќе продолжат работите за сондажа за зголемување на оваа резерва.

Одговарајќи на новинарско прашање за првото домашно возило „ТОГГ“, Ердоган изрази надеж дека тие што ќе го изберат „ТОГГ“ во Туркије, ќе бидат задоволни.

На крајот, Ердоган размени честитки и со новинарите и се сликаше со нив.

Популарни