Во полициска акција против ФЕТО уапсени 90 осомничени / Photo: AA

Министерот за внатрешни работи на Република Туркије, Али Јерликаја, соопшти дека 90 осомничени се уапсени во операциите „Стегалка-18“, што турската полиција ги спроведе во изминатите четири дена против терористичката организација ФЕТО во 17 турски области.

„Нема да дозволиме терористите на ФЕТО да ги отворат очите. Нашите операции ќе продолжат одлучно со огромни напори на нашите безбедносни сили за мир, единство и солидарност на нашата сакана нација“, рече министерот Јерликаја во објавата на социјалните мрежи.

Оваа антитерористичка операција е спроведена во Анкара, Анталија, Ајдин, Баликесир, Бурса, Битлис, Денизли, Едрене, Газиантеп, Гиресун, Истанбул, Измир, Кајсери, Кутахија, Малатија, Шанлиурфа и Текирдаг.

Осомничените се товарат дека дејствувале во рамките на терористичките структури на ФЕТО инфилтрирани во турската полиција, судството и други институции. Тие делувале во терористички ќелии и така се криеле од истрагите, потерниците и затворските казни кои им се изречени како дел од процесуирањето на терористичката мрежа ФЕТО.

„Во операцијата запленети се голема количина девизи и турски лири, како и големи количини дигитален материјал и организациски документи. Им честитам на нашите полицајци“, порача Јерликаја.

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година, а станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Туркије ја има официјално побарано од САД.

Припадниците на таа терористичка организација со години, преку местење на испитите, напредуваа во службата со што се инфилтрираа во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Туркије со монтиран процес се обидоа да процесуираат голем број високи функционери за наводна корупција.

Неколку години подоцна следуваше крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч извршен од офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Туркије, туку и за секоја друга земја во којашто е активна. На тоа во неколку наврати укажуваа и турските власти. За време на обидот за пуч во Туркије загинаа најмалку 253 лица, а повеќе од 2.730 беа повредени.

AA
Популарни