Светската туристичка организација на Обединетите нации (ОН) процени дека 1,4 милијарди луѓе патувале низ светот во 2024 година, со што меѓународниот туристички сектор зад себе го оставил периодот на пандемијата на Ковид-19 (2020-2021), најтешката криза во својата историја.
Според соопштението на Светската туристичка организација на ОН, со седиште во Мадрид, Шпанија, 1,4 милијарди луѓе патувале во странство во 2024 година, што е зголемување за 11 % (околу 140 милиони повеќе) во споредба со претходната година, со што туризмот се врати на бројките пред пандемијата.
Споредувајќи ги бројките со периодот пред избувнувањето на Ковид-19, меѓу 2019 и 2024 година, најголем раст на посетители е забележан на Блискиот Исток, Европа и Африка.
Минатата година, 95 милиони луѓе го посетиле Блискиот Исток (зголемување од 32 % во однос на 2019 година), 74 милиони ја посетиле Африка (зголемување од 7 %) и 747 милиони ја посетиле Европа (зголемување од 1 %).
Зураб Пололикашвили, генералниот секретар на Светската туристичка организација на ОН, во својата оценка го даде следниот коментар:
„Глобалниот туризам во 2024 година го заврши процесот на закрепнување по пандемијата. Според податоците од минатата година, на многу места бројката на туристи, особено приходите, беа повисоки во споредба со 2019 година.”
Пололикашвили истакна дека очекуваат трендот на зголемување да продолжи и во текот на 2025 година, поради големата побарувачка за туризмот во светски рамки.