Комесарот за човекови права на Обединетите нации, Волкер Турк, изјави дека израелското колективно казнување на палестинските цивили претставува воено злосторство.
Турк ја даде изјавата по посетата на граничниот премин Рафах во рамките на петдневната посета на Блискиот Исток во услови на интензивирани напади на израелските сили на Појасот Газа.
„Колективното казнување на палестинските цивили од страна на Израел претставува воено злосторство, како и незаконската присилна евакуација на цивилите“, рече Турк, инаку австриски адвокат, на брифингот за медиумите.
Тој истакна дека децата и жените се најголемите жртви на жестоките израелски напади врз Појасот Газа.
Комесарот на ОН повика на почитување на меѓународните закони за човекови права и меѓународното хуманитарно право, и напомена дека страните во судирот имаат обврска да водат постојана грижа да го поштедат цивилното население и цивилните објекти.
„Нападите врз медицински установи, медицински персонал, и врз ранетите и болните се забранети“, порача Турк.
Тој укажа на итниот хуманитарен императив да се дојде до населението кое е сè поизолирано во Газа.
„Прекинот на системот за комуникации има сериозни последици за спасувачите кои се борат да пронајдат жртви, семејствата кои се обидуваат да го дознаат статусот на своите најмили и да дојдат до итна медицинска помош, како и да се следи и документира ситуацијата на теренот“, рече Турк и ги повика страните да се договорат за прекин на огнот.