Навални тврдеше дека обвинувањата против него се политички мотивирани / Photo: Reuters

Затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални е мртов, соопшти во петокот затворската служба на регионот Јамало-Ненец, во областа Урал каде што тој ја отслужуваше казната.

„Алексеј Навални почина во поправниот затвор број 3 во автономниот округ Јамало-Ненец“, стои во соопштението на регионалната администрација на Федералната служба за извршување на казните.

Во соопштението се наведува дека затвореникот Алексеј Навални се чувствувал лошо по прошетката и речиси веднаш се онесвестил.

Веднаш потоа пристигнале медицинските работници од установата, а повикана е и екипа за итна помош.

Исто така, се нагласува дека биле применети сите мерки за реанимација кои не дале позитивни резултати.

Дополнително, се нагласува дека се утврдуваат причините за смртта.

Според информации од извори на агенцијата РТ, Навални починал од згрутчување на крвта.

Федералната служба за извршување на казните извести дека во врска со ненадејната смрт на осудениот Навални, испратила комисија составена од раководители и вработени во оперативните и медицинските единици на централната канцеларија на службата во затворот каде што починал.

Рускиот претседател Владимир Путин е информиран за смртта на Алексеј Навални, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Претседателот е информиран“, рече Песков.

Тој додаде дека Федералната служба за извршување на затворските казни врши проверка и дека не се потребни дополнителни налози.

Причините за смртта на Навални треба да ги разјаснат лекарите, додаде Песков.

Кој беше Навални?

Роден во семејство на сопственици на фабрики во село западно од Москва, Алексеј Навални пораснал и станал можеби најистакнатиот критичар на Путин.

Неговиот политички активизам, вклучувајќи опсежни истраги за корупција на високо ниво, како и еднократна кандидатура за градоначалник на Москва, му донесе слава во Русија. Многумина веруваа дека на слободни избори тој ќе претставува голема закана за Путин.

Во август 2020 година тој тешко се разболел на летот од Сибир до Москва, а потоа, сè уште во кома, бил префрлен на лекување во Берлин.

Тимот на Навални тврдеше дека нивниот политички лидер бил отруен, што Кремљ упорно го негираше.

Германските лекари потврдија дека тој бил отруен со Новичок - нервен агенс од советската ера. Закрепнувањето траеше со месеци.

И покрај опасноста, Навални одлучи да се врати во Русија, каде што подоцна беше уапсен и на крајот осуден под обвиненија за кои тврдеше дека се политички мотивирани. Тој остана во руските затвори до својата смрт.

TRT Balkan / агенции
Популарни