Директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, ги отфрли неоснованите тврдења за здравјето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, нагласувајќи ја неговата силна здравствена состојба и целосната способност.
„Тие [опозицијата] се обидуваат да добијат политичка предност преку неосновани извртувања дури и за здравствената состојба на нашиот претседател. Нашиот претседател е на должност со голема сила, здравје и енергичност“, рече Алтун на настан во Истанбул.
„Нацијата стои покрај својот лидер, кој работи со неисцрпни напори“, додаде тој. Тврдењата за здравствената состојба дојдоа откако Ердоган во вторникот го прекина интервјуто во живо поради стомачни тегоби.
„Имаше интензивна работа околу предизборната кампања вчера и денес, и поради тоа имав стомачни тегоби“, објасни Ердоган во вторникот.
Центарот за борба против дезинформации при Дирекцијата за комуникации вчера, исто така, возврати на тврдењата на одредени профили на социјалните мрежи дека Ердоган „доживеал срцев удар и дека бил хоспитализиран“, нагласувајќи дека тие не ја одразуваат вистината.
По десетици настани во рамките на кампањата пред изборите во Туркије закажани на 14 мај, вчера Ердоган ја откажа својата агенда за да одмори. „Бев со него [Ердоган] утрово... Тој е во добра здравствена состојба“, соопшти денес министерот за здравство Фахретин Коџа.
„Влијанието на гастроентеритисот е намалено. Тој ќе продолжи со своите активности што е можно поскоро“, додаде Коџа.