Најмалку 21 Палестинец се убиени денес во серија израелски воздушни напади врз домови и импровизирани засолништа за раселените луѓе низ Појасот Газа, јавува Анадолу.
Медицински извор од Баптистичката болница во Газа за Анадолу изјави дека осум лица се убиени, а неколкумина се повредени во израелскиот воздушен напад врз куќа во населбата Шујаја источно од Појасот Газа.
Силите за цивилна одбрана во Газа потврдија дека по израелскиот воздушен напад, во кој била погодена куќа во оваа област, од урнатините се извадени четири тела и неколкумина повредени.
Во северниот дел на Газа во областа на подрачјето Беит Лахија израелски беспилотни летала повеќепати ја гаѓаа болницата „Камал Адван“, при што се повредени седум лица од медицинскиот персонал, а двајца од нив се во критична состојба.
Директорот на болницата Хусам Абу Сафија рече дека беспилотните летала извршиле напад врз болницата додека персоналот ги спасувал и лекувал повредените.
Очевидци известија дека израелски воени авиони извршиле напади и врз бегалскиот камп Џабалија, а израелските сили палеле палестински куќи во близина на градскиот плоштад во Беит Лахија.
Во централна Газа, во напад врз живеалиште во бегалскиот камп Нусејрат, убиени се петмина Палестинци и неколкумина се повредени, велат медицинските извори.
Двајца Палестинци се убиени, а неколкумина се повредени при напад на израелски хеликоптер врз дом во Деир Ал Балах.
Во јужниот дел на Газа се убиени една жена и нејзината ќерка кога израелски хеликоптер погоди шатор во кој беа сместени раселените луѓе во областа Маваси западно од Кан Јунис, според медицински извори.
Израел започна воена офанзива врз Појасот Газа по нападот на Хамас минатата година, при што се убиени речиси 44.000 луѓе, повеќето жени и деца, а повредени се над 104.000.
Втората година од геноцидот во Газа наидува на зголемена меѓународна осуда, а институциите ги означија нападите и блокирањето на испораката на помош како намерен обид за уништување на населението.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата смртоносна војна против Газа.