Храбрите жени од Сирија, каде сè уште трае граѓанската војна, спасија бројни животи во акциите за потрага и спасување под урнатините по разорниот земјотрес што ги погоди северните делови на Сирија.
Сиријките секојдневно работат и помагаат во земјата која е опустошена од граѓанската војна што трае подолго од една деценија, а нивната улога особено е важна во помагањето на населението откако северот на земјата беше погоден од разорен земјотрес.
Ула Исмаил (28), која беше принудена да го напушти својот дом пред осум години поради нападите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, за Анадолу (АА) изјави дека учествувала во операциите за пребарување и спасување како припадник на Сириската цивилна одбрана (Бели шлемови).
„Се развив како жена, како мајка, како спасител и како здравствен работник“, рече Исмаил, мајка на три деца.
Таа раскажа како по разорниот земјотрес зела учество во операциите за потрага и спасување на преживеани.
„По земјотресот го оставив своето семејство на безбедно место, а потоа учествував во активностите за пребарување и спасување под урнатините. Бев импресионирана од мајките кои загинаа под урнатините обидувајќи се да ги заштитат своите деца“, раскажа Исмаил.
Таа ја спореди катастрофата од војната и земјотресот.
„Земјотресот се шири во многу региони, тоа е голема катастрофа. Сè се случи брзо и не знаете каде да одите. Додека нападите на режимот и на Русија беа фокусирани на одредени региони“, вели Исмаил. Таа им го честиташе на сите жени 8 Март, a првенствено на жените од Сирија.
Афра Сувид, докторка во Универзитетската болница во Идлиб, рече дека со години се подложени на бомбардирање од режимот на Асад и поддржувачите.
Како здравствени работници активно работеа како во текот на граѓанската војна, така и по разорниот земјотрес во северна Сирија.
Наведувајќи дека жените го докажуваат своето постоење во сите подрачја на животот, Сувид порача: „Жените ја работат својата работа. Жените се силни. Жените, мајките, сопругите, сестрите, работничките, спасителите, ја покажуваат својата сила и присутност во сите области на животот.“