Тој рече дека било неопходно да ја признае вината по обвиненијата за шпионажа бидејќи правните и политичките напори за заштита на неговата слобода не биле доволни / Photo: AA

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж (53) денеска изјави дека е ослободен од затвор затоа што се изјаснил за виновен за новинарство, а не затоа што функционирал правниот систем.

Тој им рече на европските парламентарци дека било неопходно да ја признае вината по обвиненијата за шпионажа на САД, бидејќи правните и политичките напори за заштита на неговата слобода се покажало дека не биле доволни.

„На крајот, ја избрав слободата наместо неостварливата правда. Денес сум на слобода по години во затвор бидејќи се изјаснив за виновен за новинарството“, рече Асанж пред Комитетот за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа ПССЕ во Стразбур.

Ова енеговото прво јавно обраќање откако беше ослободен во јуни.

Тој рече дека се надева оти неговото денешно сведочење може да послужи да ги истакне слабостите на постоечките мерки за заштита и да им помогне на оние чии случаи се помалку јавни, но исто толку ранливи.

Асанж, кој е австралиски државјанин, рече дека слободата на говор е на „темна раскрсница“.

„Се плашам дека ќе биде предоцна доколку институциите како Парламентарното собрание на Советот на Европа не ја сфатат сериозноста на ситуацијата зашто вистината живее и дека гласовите на многумина не се замолчуваат од интересите на неколкумина“, рече тој.

Тој истакна дека новинарите не треба да бидат прогонувани затоа што ја вршат својата работа.

„Новинарството не е криминал“, нагласи Асанж.

Асанж, кој беше во притвор во Велика Британија од 2019 година, се соочуваше со екстрадиција поради обвиненијата за објавување доверливи воени документи во 2010 и 2011 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни