АстраЗенека вети целосна соработка во истрагата, иако не се откриени конкретни детали за природата на истрагата / Photo: AFP

Британско-шведскиот производител на лекови АстраЗенека (AstraZeneca) потврди дека шефот на компанијата во Кина, Леон Ванг, е под истрага од кинеските власти, што претставува уште една истрага за работењето на фармацевтскиот гигант во еден од нејзините најголеми пазари.

„Леон Ванг, извршен потпретседател за меѓународни односи и шеф на АстраЗенека во Кина, соработува со тековната истрага на кинеските власти“, се вели во соопштението на компанијата.

Се додава дека работата на компанијата продолжува под раководство на извршниот директор Мајкл Лаи.

Истрагата уследи по неодамнешното приведување на Ева Јин, поранешната извршна директорка на АстраЗенека, и доаѓа во време на поширока контрола на работењето на компанијата во Кина.

Според извештајот на Блумберг, кинеската полиција во септември привела на испрашување за потенцијални незаконски активности петмина сегашни и поранешни вработени во АстраЗенека.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џиан одби директно да коментира за случајот на Ванг во четвртокот, но додаде дека Кина ги поздравува странските бизниси и останува посветена на заштитата на нивните легитимни интереси според законот.

АстраЗенека вети целосна соработка во истрагата, иако не се откриени конкретни детали за природата на истрагата.

АстраЗенека е британско-шведска мултинационална фармацевтска и биотехнолошка компанија со седиште во Кембриџ, Велика Британија.

AA
Популарни