Азербејџан ерлајнс во петокот објави дека, според прелиминарните резултати од истрагата, „надворешното физичко и техничко мешање“ предизвикало пад на нивниот авион Ембраер 190 во Казахстан.
Во соопштението се наведува дека компанијата од сабота ќе ги прекине летовите до неколку руски градови, меѓу кои Минерални Води, Сочи, Волгоград, Уфа, Самара, Саратов, Нижни Новгород и Владикавказ.
„Оваа одлука, донесена во соработка со Државната управа за цивилно воздухопловство на Азербејџан, се заснова на прелиминарните резултати од истрагата за падот на авионот Ембраер 190 на летот Баку-Грозни. Суспензијата ќе остане во сила до завршување на истрагата“, се додава во соопштението.
Патнички авион на Азербејџан ерлајнс со 67 патници кој патувал од главниот град на Азербејџан, Баку, до градот Грозни, во Руската Република Чеченија, се урна во средата на околу три километри од казахстанскиот град Актау, на брегот на Каспиското Море.
Казахстанските власти соопштија дека во авионската несреќа загинале 38 лица, додека 29 преживеале.