Казахстанските официјални лица објавија дека во падот на авионот „Ембраер 190“ животот го загубиле 38 лица / Фото: AA

Високо рангирани азербејџански официјални лица денес за Агенција Анадолу ја потврдија точноста на медиумите наводи кои сугерираат дека падот на авионот на Азербејџан ерлајнс во средата, во близина на казахстанскиот град Актау, бил предизвикан од руски ракетен систем, известува Анадолу.

Ова следеше откако азербејџанските медиуми, повикувајќи се на владини извори, објавија дека прелиминарните резултати од истрагата за инцидентот утврдиле дека авионот бил нападнат од ракетен систем „Панцир“ додека се приближувал до градот Грозни.

Во веста се наведува дека комуникацискиот систем на авионот бил целосно парализиран поради употребата на руски системи за електронско војување, што резултирало со исчезнување на авионот од радарите додека бил во рускиот воздушен простор.

Се додава дека авионот се појавил на радарот додека бил во областа околу Каспиското Море.

Авион на Азербејџан ерлајнс (АЗАЛ) со 67 патници, кој патувал од главниот град на Азербејџан Баку кон градот Грозни, во Руската Република Чеченија, се урнал во средата на околу три километри од казахстанскиот град Актау, на брегот на Каспиското Море.

Казахстанските официјални лица објавија дека во падот на авионот „Ембраер 190“ животот го загубиле 38 лица, додека 29 го преживеале падот на авионот. И Азербејџан и Казахстан започнаа истрага за инцидентот.

Од прелиминарните наоди и Азербејџан ерлајнс и Руската Федерална агенција за воздухопловство соопштија дека укажуваат на удар на птица како причина за несреќата.

Снимките од местото на несреќата покажуваат големи дупки во опашката на авионот, што поттикна шпекулации дека авионот можеби е соборен.

Во текот на денешниот ден, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да ги коментира медиумските извештаи во кои се тврди дека авионската несреќа е резултат на напад и ги повика сите да почекаат додека не заврши истрагата.

AA
Популарни