Поради полавите во јужната држава Рио Гранде до Сул евакуирани се над 150.000 луѓе / Photo: Reuters

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во понеделникот побара од Конгресот да прогласи природна катастрофа по големите поплави што ја погодија најјужната држава Рио Гранде до Сул, при што загинаа 85 лица.

Повеќе од 130 лица се водат како исчезнати по поплавите кои предизвикаа 150.000 луѓе да ги напуштат своите домови, објави агенцијата за цивилна заштита.

Покрај уништувањето на патиштатa и мостовитe во неколку градови, предизвикани се и одрони кои се закануваат со уште поголема катастрофа.

Поради тоа, бразилскиот претседател Лула бара од Конгресот да прогласи природна катастрофа во споменатата сојузна држава, за да може да се одобрат дополнителни буџетски средства, без оглед на фискалните правила усвоени минатата година кои ја пропишуваат горната граница на трошоците на сојузните држави.

„Дури кога водата ќе се повлече ќе видиме колкава е штетата. Засега сè уште немаме проценка“, изјави бразилскиот министер за планирање и буџет Симоне Тебет.

Иако дождовите се честа појава во овој период од годината во јужниот дел на Бразил, 72-годишниот Флавио Роса од гратчето Каноас вели дека никогаш во животот не видел уништување од ваков обем предизвикано од дождови.

„Секако дека имало поплави и претходно, но никогаш вакво нешто“, рече тој.

Според локалните временски прогнози, врнежите оваа недела би можеле да се вратат во помали количини, а поголеми се очекуваат меѓу 10 и 15 мај.

„На краток и на среден рок метеоролошките прогнози не се добри. И покрај подобрувањата во некои делови од земјава, некои области ќе бидат проследени со тешки временски услови подолго време“, се вели во прогнозата.

Гувернерот на државата Рио Гранде до Сул, Едуардо Леите, предупреди дека бројот на загинати може да се зголеми бидејќи спасувачите ќе добијат пристап до се повеќе места.

Поплавите не само што ја оштетија патната инфраструктура, туку и бројни фирми и фабрики кои мораа да престанат со работа.

Што се однесува до железничкиот сообраќај, тој беше делумно во прекин поради екстремни временски услови, а се уште се пресметуваат штети предизвикани на железничките пруги.

Армијата, полицијата и безбедносните сили спасија околу 20.000 луѓе. Во спасувачките операции учествуваат околу 900 припадници на армијата, морнарицата, воздухопловните сили и „партнерските агенции“ со најмалку 30 хеликоптери, четири авиони, 866 возила и 182 чамци, како и 85 инженерски екипажи.

TRT Balkan / агенции
Популарни