Бројот на загинати во поплавите предизвикани од обилните дождови во Бразил се зголеми на 144, соопштија властите вчера.
По обилните дождови, кои од минатата недела ја зафатија јужната држава Рио Гранде до Сул, загубата на животи и имот постојано се зголемува.
Според државната агенција за цивилна одбрана, 125 лица сѐ уште се водат како исчезнати.
Бројот на повредени изнесува 800, а повеќе од 2,1 милион луѓе се погодени од поплавите.
Дополнително, во соопштението се истакнува дека повеќе од 620.000 луѓе се раселени.
Најмалку 81.000 луѓе се сместени во цркви, училишта и спортски сали, а продолжуваат операциите за пребарување и спасување по катастрофата.
Гувернерот на Рио Гранде до Сул, Едуардо Леите, во изјавата на 3 мај истакна дека сè уште има области до кои официјалните лица не може да стигнат.
„Поминуваме низ исклучителна ситуација. Ова не е само критичен настан, ова е најразорниот настан во историјата на државата“, рече тој.
Леите објави „состојба на катастрофа“ во период од 180 дена поради големината на трагедијата и ги истакна напорите за евакуација на жртвите.