Бразилскиот претседател истакна дека Кина и Бразил ги ставаат мирот, дипломатијата и дијалогот на прво место / Photo: Reuters

Бразил и Кина денеска потпишаа 37 договори во областа на земјоделството, технолошката соработка, трговијата, инвестициите, инфраструктурата, енергетиката, рударството, како и други, кои се поврзани со кинеската иницијатива „Појас и пат“, соопштија денеска од бразилското претседателство.

Договорите ги потпишаа претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва и претседателот на Кина, Kси Џинпинг, за време на неговата денешна посета на Бразил.

Тие потпишаа протоколи кои се однесуваат на „синергија“ поврзана со кинеската иницијатива „Појас и пат“, на која бразилското претседателство минатиот месец објави дека Бразил нема да се приклучи.

Лула рече дека посетата на Кси е „прослава на историјата на дипломатските односи“ меѓу двете земји, велејќи дека односите меѓу Пекинг и Бразил сега се подигнати на повисоко ниво.

Бразилскиот претседател истакна дека Кина и Бразил ги ставаат мирот, дипломатијата и дијалогот на прво место и изрази желба повторно да ја посети Кина за време на Форумот Кина и Заедницата на земјите од Карибите и Латинска Америка.

Кинеската новинска агенција Ксинхуа објави дека Кина и Бразил ги подобриле односите со заедничка визија за иднината, „за поправеден свет и одржлива планета“.

TRT Balkan / агенции
Популарни