Вработените во повеќе сектори во Велика Британија продолжуваат со масовните бранови на протести против влошувањето на кризата со трошоците за живот, но најмногу се стравува од претстојните работнички протести на медицинските сестри фрлајќи внимание на здравствениот систем на земјата.
Се очекува досега најмасовниот штрајк во историјата на Националниот здравствен систем, со протести на медицинските сестри на 15 и 20 декември поради незадоволство од власта за платите.
Кралскиот колеџ на медицински сестри, кој е меѓу најголемите синдикати од ваков вид во светот, посочи дека немаат друг избор освен да излезат да штрајкуваат откако Владата посочи дека нивното барање за зголемување на платата од 19% не може да си дозволи.
Протестите низ Англија, Велс и Северна Ирска се закажани по неуспешните преговори помеѓу синдикатот и министерството за здравство.
Околу 100.000 медицински сестри ќе учествуваат во штрајкот, додека пак итните служби ќе продолжат да работат.
Повеќе од 10.000 вработени во брзата помош во Англија и Велс ќе бидат дел од штрајкот по четири ден пред божиќните празници.
Штрајковите се предизвикани од кризата која ги влоши условите за живот и растечката инфлација, но и се последици на децениската ерозија на платите и влошувањето на економија, како и зголемениот обем на работа предизвикан делумно од Брегзит и пандемијата со коронавирусот.
Непополнети 47.000 позиции за медицински сестри
Според истражувањето спроведено од Лондонската школа за економија реалната заработка на медицинските сестри заостанува зад вработените во останатите сектори, особено споредено со тие во приватниот сектор.
„Во приватниот сектор, вистинскиот среден доход бележи пад од 3.2% помеѓу 2011 и 2021 година, додека пак средниот доход на медицинските сестри е намален за 6%“, се посочува во студијата.
Исто така се открива дека годишната стапка на напуштање на оваа професија се зголемила од 8.5% на 10.9%, додека вкупниот број на откази се зголемил од 27.000 на 38.000 за период од десет години или за 42% повеќе.
Исто така студијата открива дека 47.000 позиции за медицински сестри стојат непополнети што е најголема бројка досега.
„Работата како медицинска сестра е висококвалификувана и клучна за безбедноста. Во последните 10 години реалното намалување на платите за медицинските сестри изнесува околу 20%. Но, овој штрајк не е инспириран само од платите“, вели синдикалната претставничка Клер Флат.
„Повеќе загрижува тоа што на школите е потврден падот од 10% на примени студенти за насоките за медицински сестри низ цела Велика Британија оваа година, што најверојатно покажува дека студентите не ги привлекуваат ниските плати и лошите работни услови, и со укинувањето на стипендиите за студентите од страна на Владата, тие што веќе студираат ќе завршат со повисоки студентски долгови“, вели Флат.
Кои се барањата освен повисоките плати?
Марија Кублова, медицинска сестра од Универзитетскиот колеџ во Лондон, смета дека владата треба да се фокусира не само на правичен надомест за медицинските сестри, туку и на задржување на тие кои веќе се во здравствениот систем, гарантирајќи дека ќе ја продолжат кариера долгорочно изразувајќи им поголема благодарност.
„Едноставно сум разочарана што најавата за штрајк не пробуди никаква дискусија со владата, бидејќи тоа е вообичаена пракса, зарем не“, се прашува таа.
Без оглед на распространетите штрајкови низ бројни сектори, владата не го промени својот став за спорот со платите смета Кублова, очекувајќи дека штрајкот ќе доведе до поголема мобилизација.
Пад на грижата и безбедноста на пациентите
Долгогодишната медицинска сестра Пакизе Дурмаз објаснува дека има огромен недостиг на персонал уште кога започнала со работа пред дваесетина години.
„За жал такви се државните политики, нема доволно обуки за нови медицински сестри“, вели Дурмаз.
Една причина како што вели таа е дека вработувањето на повеќе медицински сестри не е привлечно за властите и ќе донесе повисоки оптоварувања за буџетот. За да ангажирате медицинска сестра е потребно од 30 до 40 илјади фунти, додека пак ангажирање медицинска сестра од странство чини 15.000 фунти.
Буџетите за обука на медицински сестри постојано се намалуваат во Велика Британија од 80те години, па затоа Националниот здравствен систем прави обиди да ја пополни празнината со медицинари од Филипините и Индија.
Но, Ковид-19 и рестрикциите за патување ги закочија овие процеси, смета Дурмаз, додавајќи дека многу од искусните сестри се пензионирале предвреме, на над 55 години поради високиот притисок со кој беа оставени да се справат.
Исто така многу медицински сестри кои од Европа дојдоа да работат во Англија веќе се вратија во матичните држави поради Брегзит, додека пак тие од Филипините почнаа да бараат подобро платени позиции во САД.
Но, во прашање не се само парите, смета Дурмаз.
„Што ќе се случи кога ќе има недостиг на медицински сестри кога се зголемува обемот на работа? Не можете да обезбедите безбедна нега на пациентите како што би сакале и ова ги става медицинските сестри под голем стрес. Медицинските сестри се веќе исцрпени, па ова ги тера да мислат дека владата нема слух за нивните проблеми и ја загрозува безбедноста на пациентите“, заклучува Дурмаз.