Пронајдени 46 мртви тела во камион кој криумчарел мигранти     Фото: 

Тела на 46 мигранти се пронајдени во камионска приколка, во близина на Сан Антонио во американската сојузна држава Тексас, што е најсмртоносен инцидент со шверц од ваков вид во историјата на САД. Според првичниот увид на истражните органи, трагедијата се случила при операција за криумчарење луѓе преку границата со Мексико. Националноста на починатите се уште се утврдува. Среќа во несреќа е што властите успеале да спасат 16 од мигрантите.

Чарлс Худ, шеф на противпожарната служба на Сан Антонио     Фото:  Reuters

„Процесиравме отприлика 46 тела кои се третирани и обележани и прогласени за починати. За среќа, успеавме да транспортираме 16 луѓе, од кои 12 се возрасни и 4 се малолетни. Сите беа во свесна состојба за време на транспортот“, посочи Чарлс Худ, шефот на противопожарната служба на Сан Антонио.

Камионот кој имал прикачено приколка за транспорт поседувал ладилник, но системот за климатизација не работел, според првичниот увид на истражните органи. Пронајдените биле погодени од топлотни удари и исцрпеност, а во камионот немало вода.

Вилијам Мекманус, шеф на полицискиот оддел на Сан Антонио     Фото:  Reuters

„Имаме три лица кои се во притвор. Не можеме со сигурност да потврдиме дали имаат поврзаност со ова или не. Истрагата е префрлена во одделот за истраги на Департментот за домашна безбедност и е во рацете на федералните власти“, изјави Вилијам Мекманус, шефот на полицискиот оддел на Сан Антонио.

Високите температури кои достигнуваат и до 40 Целзиусови степени се меѓу главните причини за топлотниот удар и фаталните исходи кај луѓето кои нелегално биле транспортирани преку границата.

Рон Ниренберг, градоначалник на Сан Антонио     Фото:  Reuters

„Маките на мигрантите кои бараат засолниште секогаш се хуманитарна криза, но сега се соочуваме со ужасна човечка трагедија. Затоа би ве повикал сите да имате сочувство и да се молиме за починатите, болните и нивните семејства. И се надеваме дека одговорните кои ги ставиле овие луѓе во толку нехумани услови ќе бидат гонети според најстрогите законски одредби“, изјави Рон Ниренберг градоначалник на Сан Антонио.

Миграциската политика на тапет

По големата трагедија политичките партии во САД ја продолжија вербалната војна за начинот на кој државата треба да ја води миграциската политика.

Грег Абот, гувернерот на Тексас кој доаѓа од Републиканската партија, директно го обвини Џо Бајден претседателот на САД и политиката на демократите за „отворена граница“.

Бајден вети дека ќе укине дел од строгите мерки кои претходно беа на сила воведени во време на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Во последните месеци се забележани високи бројки на нелегални премини на мигранти преку границата со САД во сојузната држава Тексас.

Трагедијата која властите ја поврзуваат со криумчарење мигранти е една од најголемите во историјата на Тексас. Претходно, во 2017 година десет мигранти починаа при превоз исто така во камион со приколка.

TRT Balkan / агенции
Популарни