Се бара оставка на премиерот Пашинјан        Фото: Ројтерс

Илјадници демонстранти се собраа вчера пред Парламентот во главниот град на Ерменија, Ереван, барајќи оставка од премиерот Никол Пашинјан по судирите меѓу силите на двете земји на ерменско-азербејџанската граница.

Според ерменската новинска агенција ЊУЗ.ам (NEWS.am), меѓу демонстрантите имало и роднини на загинати во втората војна за Карабах.

Демонстрантите побараа на Пашинјан да не му се изгласа доверба, како и оставка на Владата.

Полицијата ја блокира улицата на влезот на Парламентот за да ги спречи демонстрантите да влезат во зградата.

По тензиите во текот на денот, во вечерните часови се зголеми бројот на демонстранти пред Парламентот.

Според објавите на социјалните мрежи, демонстрантите се обиделе да ги скршат вратите на Парламентот.

На снимките се гледа како демонстрантите бараат оставка на Пашинјан, извикувајќи слогани против него и обидувајќи се да ги пробијат полициските бариери.

Демонстрантите реагираа на изјавите на Пашинјан кажани истиот ден во својот говор пред Парламентот дека сака да потпише мировен договор со Азербејџан.

Тие, исто така, протестираа пред Парламентот и во вторникот.

Во последните судири на границата загинаа 105 ерменски војници

Пашинјан вчера во Парламентот изјави дека 105 ерменски војници ги загубиле животите во последните судири.

Ерменскиот премиер истакна дека Ереван сака прашањето за Азербејџан и Ерменија да биде разгледано во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и се обрати до сојузниците со ова барање.

Пашинјан побара и воена помош од Русија, која помогна да се стави крај на конфликтот во 2020 година помеѓу двете поранешни советски републики.

Како хуман гест, Баку соопшти дека е подготвен да ги предаде телата на 100 ерменски војници загинати во борбите во изминатите два дена.

Ерменската армија во понеделникот започна опсежни провокации во пограничните градови Дашкасан, Калбаџар и Лачин, соопшти Министерството за одбрана на Азербејџан.

Ерменски војници поставија мини на теренот и патиштата меѓу позициите долж границата, што предизвика судири и жртви на двете страни.

Односите меѓу поранешните советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно-Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан.

Во 2020 година, Азербејџан ослободи неколку града и над 300 населби и села кои беа окупирани од Ерменија, а борбите завршија со договор постигнат со посредство на Русија.

AA
Популарни