Силната експлозија одекна во Бејрут на денешен ден во 2020 година        Фото: АА

Либан ја одбележува втората годишнина од силната експлозија која се случи на пристаништето во Бејрут, во која загинаа повеќе од 200 лица.

Силната експлозија одекна во Бејрут на денешен ден во 2020 година. Во експлозијата загинаа повеќе од 200 лица, а повеќе од 6.000 се повредени. Околу 300.000 луѓе се преместени на сигурно.

Еден ден по разорната експлозија, Владата на Либан отвори истрага.

Седум дена по експлозијата, либанскиот адвокат Фади Саван именуван е за судија задолжен за истрагата, а сменет е од судот во февруари 2021 година, по тужбите поднесени против него.

На негово место дојде Тарик Битар, но неговото именување наиде на реакција од владејачките партии, главно од Хезболах и движењето Амал.

Во октомври 2021 година Битар повторно го привлече вниманието откако судот ја отфрли тужбата против него и му дозволи да продолжи да ја води истрагата за експлозијата.

Во текот на протестите на кои граѓаните повикуваа на негова смена дојде и до насилство, при што починаа 7 луѓе.

Две години семејствата на жртвите во експлозијата на пристаништето и понатаму протестираат барајќи одговорните да бидат казнети.

Меѓутоа, истрагата сѐ уште не донела никаков резултат поради приговорите на либанските претставници и поранешни министри против Битар, поради што истрагата е ставена на чекање со месеци.

Либанскиот аналитичар Муфид Мустафа рече дека недостигот на политичка волја и постојаното вмешување на политичката елита во либанското правосудство ја попречува истрагата за несреќата.

„Правосудниот систем во државата не само што е слаб, туку е подреден на политичката елита која не го почитува правосудството и ги игнорира неговите барања“, рече Мустафа за АА.

Според неговите зборови, поранешните министри и претставници блиски на Хезболах и движењето Амал попречуваат каква било соработка со правосудството во истрагата за експлозијата.

„Имаме примери како Али Хасан Халил, поранешен министер за финансии и Гази Зеајтер, поранешен пратеник, кои одбија да бидат испрашани повикувајќи се на својот имунитет“, рече Мустафа.

За либанскиот аналитичар Фади Самаан, Хезболах и движењето Амал покренаа кампања за опструкција на истрагата од самиот почеток.

Очигледно е дека со опструкција на истрагата за експлозијата на бејрутското пристаниште, политичката власт, на чело со Хезболах и движењето Амал „испратија јасна порака на либанскиот народ дека правосудството и безбедносните служби повеќе немаат овластување над државата“.

Во главниот град Бејрут денеска се очекуваат масовни протести на кои повикаа либанските активисти за да ја одбележат втората годишнина од експлозијата на пристаништето и да побараат правда за жртвите.

AA
Популарни