Наместо гранични контроли земјите-членки на Шенген зоната да воведат мобилни проверки на нивната територија препорачува Европската комисија.
На минатонеделниот состанок ЕК утврди дека земјите членки на Шенген зоната треба да применуваат систематски проверки на внатрешните граници само во исклучителни ситуации и да им дадат приоритет на мобилните проверки и користењето на современи технологии.
Во четвртокот, Комисијата испрати препораки за засилена соработка во Шенген зоната, откако беше спроведен формален процес на консултации од мај до ноември 2023 година со членките кои повторно ги воведоа граничните контроли и земјите кои имаа реперкусии од ваквите одлуки.
ЕК исто така препорачува дека државите од Шенген зоната треба да го ограничат влијанието врз протокот на сообраќај и да обезбедат достапност на прекугранични транспортни врски.
Препораките на Комисијата во осум области промовираат примена на алтернативни мерки за контрола на внатрешната граница, како и зголемена соработка и размена на информации доколку таа повторно се воведе.
Комисијата наведува дека Шенген, како област без контроли на внатрешните граници, е основа на слободата на движење за повеќе од 425 милиони граѓани на ЕУ и државјани на трети земји кои живеат во ЕУ или дошле да ја посетат.
„Повторното воведување на контролата на државната граница мора секогаш да биде исклучително, строго временски ограничено и мерка последна во случај да се утврди сериозна закана за јавниот ред или внатрешната безбедност. Слободното движење на луѓе, стоки и услуги мора да се гарантира во Шенген зоната“, наведуваат од Комисијата.