Ердоган ја потпиша одлуката за одржување на избори во Туркије на 14 мај / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја потпиша Одлуката за распишување на претседателските и парламентарните избори во Туркије за 14 мај оваа година.

„Со овластувањата што ми ги дава членот 116 од нашиот Устав, ја потпишав Одлуката за одржување избори на 14 мај, кои требаше да бидат одржани на 18 јуни 2023 година“, рече Реџеп Таип Ердоган во претседателскиот комплекс во главниот град Анкара.

Одлуката утре ќе биде објавена во Службен весник на Република Туркије.

„И во изборниот процес нашата програма ќе се состои од залекување на раните на настраданите во земјотресите и надоместот на економската и социјалната штета од оваа катастрофа“, рече Ердоган. Тој говореше за зададените цели во регионите погодени од разорните земјотреси.

„Целта ни е за година дена да изградиме и на погодените да им предадеме 319.000 домови, вклучувајќи 244.000 станови и 75.000 куќи“, рече Ердоган и додаде: „Одлучни сме чекор по чекор да работиме додека не создадеме нови, безбедни и мирни животни простори за нашите 3,5 милиони луѓе“.

Турските граѓани на 14 мај ќе избираат претседател на државата и 600 пратеници во Големото народно собрание на Република Туркије.

Турските гласачи во 2017 година преку референдум одлучија да преминат од парламентарен на претседателски систем на управување. Од 2018 година Туркије ја укина функцијата премиер и во потполност премина на претседателски систем на власта.

TRT Balkan / агенции
Популарни