Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, ја изрази подготвеноста на неговата земја да придонесе на секој начин за запирање на геноцидот во Газа и воспоставување траен прекин на огнот.
Во своето обраќање пред парламентарната група претставници на владејачката турска Партија на правдата и развојот (АК Партија), Ердоган истакна дека Туркије од ден на ден ја зајакнува својата улога како еден од главните играчи во глобалната политика.
Тој го поздрави и изрази задоволство од договорот за прекин на огнот меѓу Либан и Израел кој стапи на сила утрово.
„Очекуваме сите страни, особено Израел, целосно да ги исполнат своите обврски во однос на зачувувањето на мирот на теренот“, рече турскиот претседател Ердоган.
Турскиот претседател укажа и на неопходноста од итен прекин на огнот во Појасот Газа, кој од 7 октомври минатата година е цел на брутални израелски напади.
„Како Туркије, ја изразуваме нашата подготвеност да дадеме секаков придонес во запирање на масакрот во Газа и воспоставување траен прекин на огнот“, рече Ердоган.
Примирјето меѓу Израел и Либан, постигнато со дипломатски напори на САД и Франција, стапи на сила утрово во 4 часот по локално време.