Либанската Армија денес соопшти дека се подготвува да се распореди на југот на земјата по стапувањето на сила на прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах.
Армијата соопшти дека врз основа на барањето на Владата, ќе се распореди во јужен Либан во координација со мировната мисија на ОН во Либан (УНИФИЛ) и во согласност со спроведувањето на резолуцијата 1701 на ОН.
Резолуцијата 1701, усвоена на 11 август 2006 година, повикува на целосно запирање на непријателствата меѓу Хезболах и Израел и воспоставување зона без оружје меѓу сината линија и реката Литани во јужен Либан, со исклучоци за либанската Армија и УНИФИЛ.
Либанската Армија ги повика граѓаните да почекаат пред да се вратат во селата и градовите на фронтот „каде што влегол израелскиот непријател, чекајќи го повлекувањето во согласност со договорот за прекин на огнот“.
Примирјето меѓу Израел и либанската група стапи на сила по неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека е постигнат предлог за ставање крај на конфликтот, во услови на надеж дека тоа ќе ги запре израелските воздушни напади врз либанските населени места и ќе стави крај на едногодишните прекугранични борби.
Повеќе од 3.760 лица се убиени во израелските напади во Либан и над 1 милион се раселени од октомври минатата година, според либанските здравствени власти.