Европската Унија ќе го откаже договорот за визно олеснување со Русија, но нема да има општа забрана за издавање визи, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Членовите на Советот на ЕУ не можат да донесат одлука за воведување на целосна забрана за Русија”, рече Сијарто по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Прага.
Тој нагласи дека ЕУ ќе го укине договорот за визно олеснување со Русија наведувајќи дека мнозинството земји членки на Унијата го поддржуваат овој потег.
Забрана за издавање туристички визи за Русите низ ЕУ предложија Естонија, Латвија и Финска. Земјите членки на ЕУ не се согласуваат со овој предлог. Франција, Германија и други земји наместо тоа побараа суспензија на договорот за олеснување на визниот режим тврдејќи дека ЕУ не треба да ги прекине врските со рускиот народ.