Рускиот претседател Владимир Путин испрати јасен сигнал до меѓународната заедница дека тој единствено е заинтересиран за понатамошна ескалација на војната во Украина. Ова денеска го изјави Петер Стано, портпарол на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел.
Најавата на Путин за делумна мобилизација и референдумите во четири украински региони како што рече Стано се доказ дека рускиот претседател не е заинтересиран за мир туку за ескалација на неговата воена агресија.
„ЕУ ги смета овие потези направени во текот на првата недела на Генералното собрание на ОН во Њујорк како јасен сигнал дека Путин е очаен да ја продолжи својата деструктивна војна која веќе има толку многу лоши последици низ светот”, рече Стано.
Според портпаролот на Борел, Путин не само што ја напаѓа Украина туку одлучил да ја нападне и меѓународната заедница која верува во правилата на кои се заснова светот, вклучувајќи ги Повелбата на Обединетите нации и принципите на меѓународното право.
Стано ги опиша како многу опасни најавите за употреба на нуклеарно оружје и руските воени активности околу електраната Запорожје.
„Меѓународната заедница треба да биде обединета во вршењето на потребниот притисок врз Путин за тој да престане со ваквото непромислено однесување”, рече Стано.
Брисел исклучува можност некогаш да ја признае анексијата на украинските територии од Русија и тврди дека планираните референдуми немаат никаков легитимитет.
Прогласувањето делумна мобилизација го критикуваше и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.