Претседателката на ЕК, генералниот секретар на НАТО и естонската премиерка ја потврдија поддршката за Украина      Фото: Reuters

Европската Унија заеднички ќе набавува воена опрема која ќе и ја доделува на Украина, откри Урсула фон дер Лајен претседателката на Европската Комисија по иницијативата која ја покрена естонската премиерка Каја Калас.

„Ќе се насочиме кон заеднички набавки за итна достава на воена опрема и залихи за Украина како што е на пример муницијата со калибар од 155 милиметри“, посочи Лајен на прес конференцијата со Јенс Столтенберг ген-секот на НАТО и естонската премиерка Каја Калас во Талин, Естонија.

Лидерите учествуваа во серија настани за прослава на 105-годишнината од Декларацијата за независност на Естонија и првата годишнина од војната на Русија во Украина и ја повикаа одбранбената индустрија да го засили производството.

Идејата првично ја претстави премиерката Калас која пред две недели на лидерскиот самит на ЕУ предложи заеднички систем на набавки на сличен принцип со кој блокот го финансираше развојот на вакцини против Ковид-19 и набавка на дозите.

„Украина ќе победи затоа што Европа и нејзините партнери и сојузници ќе останат цврсти. Една година од почетокот на брутална војна, Путин не успеа да постигне ниту една од своите стратешки цели“, тврди Фон дер Лајен.

Според неа Русија е на пат да прерасне во целосна отсечена економија од светот поради санкциите кои ги наметнаа ЕУ и партнерите. Европските водачи се обврзаа да продолжат со економскиот и дипломатскиот притисок врз Москва.

Калас го поздрави одобрувањето на нејзиниот план за заеднички воени набавки со поддршка на Украина.

„Оваа војна против Украина ќе го дефинира мирот за генерациите што доаѓаат“, рече таа и повика да се повикаат на одговорност виновниците за „воените злосторства“.

Столтенберг, исто така, ја потврди поддршката на НАТО за Украина, нагласувајќи дека тоа е „морално исправна постапка“, а исто така е во интерес на безбедноста на сојузниците.

„Историјата на Естонија е силен потсетник дека нашата слобода не можеме да ја земеме здраво за готово. Слободата не е бесплатна. Мора да се бориме за неа секој ден“, рече Столтенберг.

AA
Популарни