Употребата на спајверот „Пегаз“ и други софтвери за шпионирање во земјите од Европската Унија се претвора во „ЕУ вотергејт“ откако на виделина излегоа нови детали од истрагата на комитетот на Европскиот Парламент.
Во претставувањето на прелиминарниот извештај, европратеничката Софи Ин'т Велд посочи дека има сомнежи за систематска употреба на шпионските алатки за контрола во некои земји на ЕУ и затоа „потребно е длабоко преиспитување на европското владеење за да се заштити демократијата“.
Досега истрагата на европарламентарците открила дека производите на израелската НСО групација ги купиле најмалку 14 земји членки на ЕУ. Сомнежите се дека во најмалку четири од нив како Грција, Шпанија, Полска и Унгарија се користеле нелегитимно.
Во Грција, преку алатката „Пегаз“, биле следени новинари и политички противници. Таргетирани биле опозиционерот Никос Андрулакис лидер на ПАСОК и новинарот Танасис Кукакис, за што беа упатени критики до грчката влада и до премиерот Мицотакис дека не се преземени соодветни мерки.
„Шпионскиот софтвер е составен елемент на системот, системот кој е дизајниран да ги контролира, па дури и да ги угнетува граѓаните или критичарите на власта, опозицијата, новинарите“, порача Велд.
Кога добрите момци играат валкано
НСО групација тврди дека нивниот софтвер е наменет за спречување тероризам и борба со организиран криминал, и дека не може да гарантираат како апликацијата ќе се користи откако ќе ја предадат на одредена безбедносна или разузнавачка служба.
Сепак, европските служби софтверот Пегаз го користеле и за политички цели, таргетирани биле новинари, активисти, највисоки функционери на ЕУ, вклучувајќи го и комесарот за правда Дидие Рејндерс, и топ политичари од европските земји, како што се францускиот претседател Емануел Макрон, каталонските сепаратистички претставници, но и шпанскиот премиер Педро Санчез.
„Скандалот со шпионски софтвер не е национален скандал. Тоа е голем европски скандал“, рече Велд.
Како функционира шпионскиот софтвер?
„Спајвер“ или софтвер за шпионирање претставува нова технологија со која може да се врши следење, прислушкување, како и прибирање податоци преку мобилниот уред на метата.
Овие алатки се речиси невидливи за антивирусните и антималвер програмите за заштита. Софтвер како „Пегаз“ може да преземе целосна контрола над смартфонот на метата, да има пристап до микрофонот, камерата, екранот на допир, како и сите фајлови.
Тоа што е уште позастрашувачко е дека се нарушува илузијата за безбедноста на апликациите за допишување и споделување фајлови со целосна енкрипција како Ватсап, Телеграм, Сигнал и слични.
Компании од регионот во „шпионска игра“
Софтверот за шпионирање се продава на држави кои го користат како дел од разузнавачкиот и безбедносен систем, најчесто во контекст на антитероризам, но можни се и злоупотреби за следење на политички неистомисленици, новинари, активисти и итн.
Водечки компании кои развиваат спајвер се претежно од израелскиот технолошки сектор. Овие компании вложуваат и во стартапи за безбедност од регионот, а досега на површина испливаа информации за такви зделки во Северна Македонија, Србија и Унгарија.
Мета, компанијата која го поседува Фејсбук, заедно со „Граѓанска лабораторија“ (CitizenLab) годинава суспендираа над 1.500 профили кои биле користени од мрежата на Интелекса Алајанс, меѓу кои и на Сајтрокс, компанија за сајбер разузнавање, која имаше подружница и кадар во Северна Македонија со партнер и инвеститор од Израел, а која стои зад контроверзниот софтвер „Предатор“.
Во анализата беше утврдено дека околу 50.000 корисници биле ставени на листа за следење, а кај најкритичните мети, како на пример кај египетскиот дисидент Ајман Нур, било утврдено присуство како на софтверот „Предатор“, така и на спајверот „Пегаз“.
Недостиг на соработка и одбрана со молчење
Како што се развива скандалот со шпионските алатки така се открива и недоволната соработка на дел од европските влади со истрагата на европарламентарците и покрај директните посети на посочените земји.
„Европскиот совет како тело со највисок политички авторитет во унијата досега не покажа знаци на алармантност за справување со проблемот, и владите практикуваат „омерта“ - или код на молчење“, се вели во извештајот на Велд.
Главниот проблем на ваквите апликации е леснотијата со која може да се злоупотребат и големата ранливост на корисници кои не може да се заштитат со достапните антивирусни алатки. Тоа влијае на слободата на говор, движење и политичко организирање и може да биде поразително за демократијата на европско тло.