Според Европол доказите покажувале дека некои од осомничените наскоро би можеле да преземат акција / Photo: Reuters

Пет лица се уапсени ширум Европа за наводни врски со десничарска организација која користи онлајн платформа за операции поврзани со терористички напади, соопшти денеска Европол, без да го наведе името на организацијата или земјата на потекло.

„Осомничените наводно припаѓаат на десничарска организација која користи онлајн платформа за активности поврзани со терористи, вклучително и ширење на насилна екстремистичка пропаганда, активно регрутирање нови членови и за споделување прирачници за 3Д печатено оружје“, се вели во соопштението.

Се додава дека се верува дека некои од членовите на организацијата напишале свој манифест и дека имаат пристап до оружје.

И покрај младата возраст на некои од осомничените, Европол рече дека доказите покажуваат дека постои зголемен ризик некои од нив наскоро да преземат акција.

Европол започна истраги во јули 2023 година на барање на белгиските власти. Во него беа вклучени иследници од Италија, Хрватска, Литванија, Холандија и Романија, покрај оние од Белгија.

Сослушани се дополнително уште седум лица и запленети се носачи на податоци и оружје како дел од операцијата.

TRT Balkan / агенции
Популарни