Во најголем број случаи ковид тестот не треба да биде постар од 48 часа / Photo: AA

Новата експанзија на коронавирусот во Кина ги натера дел од европските држави повторно да воведат ковид тестови како услов за влез. Патниците кои доаѓаат од Кина мораат да приложат негативен ковид тест. Тоа е случај во дел од членките на ЕУ, но и во змеји кои не се дел од унијата. Бројката на заразени во Кина се зголеми откако оваа земја ја укина политиката на нулта толеранција кон коронавирусот.

Ковид тест не постар од 48 часа

Велика Британија е последната европска држава која воведува ковид тестови за патниците од Кина како услов за влез. Мерката важи од денеска. Од патниците од Кина ќе се бара негативен ковид тест направен пред патувањето.

Слични мерки ќе бидат воведени и во Франција. Патиците од Кина ќе приложуваат негативен ковид тест не постар од 48 часа за влез во земјата. Тестот ќе се бара за директните линии од Кина, но и за оние со попатни станици. Патниците од Кина кои патуваат за Франција ќе мораат да носат заштитни маски во авионите.

Мерките во Шпанија предвидуваат патниците од Кина да патуваат со негативен ковид тест или со доказ за вакцинација.

Во Италија тестирањето на патниците од Кина започна уште на 26 декември. Првичните резултати покажале дека секој втор патник кој допатувал од Кина бил заразен. За овие лица е предвиден карантин.

ЕУ воведе препораки

Европската унија донесе препорака до сите земји членки да ги тестираат патниците кои доаѓаат од Кина. Иако мнозинството членки тоа го бараа, сепак земјите членки не успеаја да договорат задолжително тестирање на коронавирус. Шведското претседателство со Советот на ЕУ соопшти дека силно се залага земјите да воведат задолжително тестирање на патниците кои доаѓаат од Кина. Корона тестот треба да биде направен 48 часа пред поаѓањето.

Исто така ЕУ препорача на сите летови од Кина патниците да носат заштитни маски. Според Светската здравствена организација во Кина засега не е регистриран нов сој на вирусот Ковид-19.

Задолжителен ковид тест и во неевропски земји

Мерките за патниците од Кина не се карактеристични само за Европа. Од денеска вакви мерки има и во САД. За влез во САД се бара негативен ковид тест направен најмногу пред 48 часа. Вакви мерки воведоа и Австралија, Канада и Јапонија. Во Индија пак освен патниците од Кина негативни ковид тестови мора да поседуваат и патниците од Хонг Конг, Јужна Кореја, Тајланд и Јапонија.

TRT Balkan / агенции
Популарни