Здравствените власти во Европа соопштија дека гледаат индикатори кои укажуваат на нов бран на Ковид-19 на континентот.     Фото: АА (Архива)

Здравствените власти во Европа соопштија дека гледаат индикатори кои укажуваат на нов бран на Ковид-19 на континентот.

„Иако не сме онаму каде што бевме пред една година, јасно е дека пандемијата на Ковид-19 сè уште не е завршена“, се вели во заедничкото соопштение на Стела Киријакидес, европската комесарка за здравство и безбедност на храна, д-р Ханс Анри Клуге, регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа и на д-р Андреа Амон, директорка на Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

„За жал, гледаме дека индикаторите повторно се зголемуваат во Европа, што укажува на тоа дека започнува уште еден бран на вирусот“, рекоа тие, притоа посочувајќи на можното обновување на инфлуенцата со доаѓањето на есента и зимата.

Во соопштението се посочува дека милиони луѓе низ Европа сè уште не се вакцинирани против Ковид-19.

„Европските земји треба да вложат максимални напори за да дојдат до невакцинираните, осигурувајќи се тие да ги примат дозите вакцини против Ковид-19, со истовремено пласирање на бустер дозите на приоритетните групи, во согласност со националните препораки“, истакнаа тие.

Предупредувајќи дека населението може да биде погодено и од сериозна инфлуенца во текот на есента и зимата, во соопштението се додава: „Важно е следните приоритетни групи да се вакцинираат и против инфлуенца и против Ковид-19: здравствените работници, лицата над 60 години, бремените жени и оние со коморбидитети.“

AA
Популарни