Во акцијата се запленети 6,5 милиони евра во готово, како и осум луксузни автомобили вредни 2,5 милиони евра / Photo: Europol

Шпанската цивилна гарда, со поддршка на Европол, разби голема мрежа за трговија со дрога во истрагата во која беа вклучени Бугарија, Колумбија, Костарика и Панама.

Осомничените биле вклучени во примање и дистрибуција на големо на кокаин низ ЕУ, како и во перење пари. Криминалната мрежа наводно е поврзана со заплената на речиси шест тона, соопшти Европол.

Истрагата, која започна во јуни 2022 година, откри мрежа за шверц на дрога која оперира на три континенти, а членовите на мрежата - државјани на Албанија, Бугарија, Колумбија и Шпанија, организирале шверц на големи количини кокаин од земјата на потекло во Европа, како и перење пари заработени од шверцот.

Мрежата за шверц на дрога се простира на Латинска Америка, Европа и Блискиот Исток, соопшти Европол.

„Секој од осомничените презеле различни улоги во логистичкиот синџир. Колумбиски државјани праќале пратки од Колумбија во Европа, абугарски, колумбиски и шпански државјани го надгледуваа приемот и понатамошната дистрибуција на дрогата. Други членови од Албанија, со седиште во Дубаи, дејствуваа како инвеститори - ги обезбедиле финансиските ресурси потребни за плаќање на производителите за пратките од Колумбија“, соопшти Европол.

Членовите на мрежата ги переле приходите од трговија со дрога, а разузнавачките информации сугерираат дека криминалната мрежа имала капацитет да прима до еден тон кокаин неделно.

„Пратките беа направени со воздушни, товарни и поморски контејнери. Во октомври 2024 година, властите во Панама заплениле 4,1 тон кокаин, наменет за Шпанија, во врска со оваа мрежа. Освен тоа, органите на прогонот заплениле уште два тона кокаин во Шпанија на почетокот на истрагата“, се вели во соопштението.

Во рамките на акцијата, која беше спроведена во три фази од декември 2024 година до јануари 2025 година, во Шпанија беа уапсени 22 – шпански и колумбиски државјани.

Запленети се околу еден тон кокаин и пет килограми розов кокаин, 35 возила, од кои осум луксузни автомобили со проценета вредност од околу 2,5 милиони евра, 6,5 милиони евра во кеш и 48 парчиња оружје.

За време на операцијата замрзнати се 53 банкарски сметки.

Во акцијата учествуваа полицајци од Бугарија, Колумбија, Панама и Шпанија.

TRT Balkan / агенции
Популарни