Дер Лајен најави продолжување на зелената транзиција на ЕУ кон чисти извори на енергија / Photo: AA

Урсула фон дер Лајен во четвртокот ја доби поддршката од Европскиот парламент за уште еден мандат на чело на Европската комисија, иако пресудата на судот на ЕУ еден ден претходно ја доведе во прашање поддршката на доволен број европратеници.

Актуелниот шеф на извршното тело на ЕУ доби 401 глас во првиот круг тајно гласање на пленарната седница на новото свикување на парламентот во Стразбур. Нејзе ѝ беа потребни 360 гласови од 719 пратеници кои го активираа мандатот.

Европскиот парламент во 10-тото свикување ќе има 720 пратеници. Во четвртокот гласаа 707 пратеници, а 284 беа против назначувањето на Германката од Европската народна партија на чело на Комисијата.

На патот кон новиот мандат од пет години, Фон дер Лајен успешно го мина првиот чекор на крајот на јуни кога ја доби поддршката од Европскиот совет и остана само да освои апсолутно мнозинство од претениците.

Со оглед на тоа што центристичките групи во ЕП имаат доволен број гласови, се очекуваше фон дер Лајен да добие мнозинство поддршка и со одреден процент од оние кои не гласаат во согласност со мнозинството во нивните групи.

Ниту Зелените, кои имаат 53 пратеници, ниту десничарските европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) со 78 пратеници, не отфрлија можна поддршка за германските демохристијани. Зелените, според пишувањата на медиумите, на крајот решиле да ја поддржат Фон дер Лајен.

Но пресудата од средата на судот на ЕУ дека нејзината Комисија не била доволно транспарентна во набавката на вакцини за време на пандемијата „Ковид-19“, го направи нејзиниот избор понеизвесен.

Европратениците и граѓаните, повикувајќи се на законите за слободата на информирање, побараа од Комисијата да ги објави договорите за набавка на вакцини, но извршното тело на ЕУ објави само цензурирана верзија, што доведе до судски спор.

Генералниот суд на ЕУ во средата пресуди дека Комисијата не дала соодветна причина за цензурирање на делови од договорот со „затемнување“ на делови од договорот, кои се однесуваат на компензација за фармацевтските компании во случај на дефект на вакцината.

На Фон дер Лајен, сепак, очигледно и помогна тоа што доколку не биде избрана, покрај унгарското претседателство, што веќе предизвикува спорови, би настанала хаотична ситуација и во институциите на ЕУ.

Во случај да не ја добиеше поддршката од парламентот, Европскиот совет ќе требаше да назначи нов кандидат во рок од еден месец, самитот на европските лидери ќе требаше да се одржи кон средината на летото, а не е лесно да се најде нов кандидат кој би можел да добие квалификувано мнозинство во Европскиот совет и мнозинство во парламентот.

Фон дер Лајен ги исполни очекувањата на политичкиот центар

Пред гласањето, Фон дер Лајен им се обрати на членовите на Европскиот парламент и во голема мера го посвети својот говор на безбедноста и конкурентноста на континентот.

Таа во својот предлог програма ја најави „Комисијата за инвестиции“. На првата пленарна седница на новото свикување на Европскиот парламент во Стразбур, таа истакна дека на европската конкурентност и треба „голем поттик“, и дека е потребна помала бирократија и „микро-менаџмент“ за да се олесни бизнисот.

Таа, исто така, најави продолжување на зелената транзиција на ЕУ кон чисти извори на енергија, како што е водородот, и политиките за заштита на животната средина и борбата против климатските промени.

Друг акцент беше ставен на безбедноста на континентот, со барање за формирање на европска одбранбена унија. Таа рече дека европските земји инвестираат премалку во својата одбрана и дека нивната безбедност премногу зависи од другите, мислејќи на САД.

Во својот долг говор таа допре бројни теми како што се економската нееднаквост, епидемијата на ментални болести и вештачката интелигенција. Таа ја нагласи и неопходноста од постигнување вистинска еднаквост меѓу жените и мажите, почнувајќи од приходите и пензиите.

Таа мораше внимателно да го балансира својот говор и ветувања и очигледно ги исполни очекувањата на трите центристички клуба и зелените. ЕЦР ги остави своите претставници да гласаат секој според нивните „национални интереси“.

По гласањето во Европскиот парламент, шефицата на Комисијата може да почне да го составува новиот колегиум на комесари, кој треба да го претстави во септември.

Избраниот претседател на Комисијата во договор со владите на земјите членки одлучува за новиот состав на Комисијата и кој ќе добие кој ресор. Последен пат, во 2019 година, побара од земјите-членки да предложат по двајца кандидати, маж и жена, за да има родово избалансирана Комисија.

Сепак, некои земји-членки веќе одлучија да испратат само еден кандидат.

Германската демохристијанка Урсула фон дер Лајен е политичар со долгогодишно искуство на чело на неколку германски министерства и е родена во политичко семејство: нејзиниот татко бил познатиот политичар Ернст Албрехт. На чело на Комисијата е од 2019 година.

Родена е во Брисел, каде што нејзиниот татко, подоцнежниот премиер на сојузната покраина Долна Саксонија, Ернст Албрехт, имаше високи позиции во Европската економска заедница и Европската заедница, претходниците на Европската унија.

TRT Balkan / агенции
Популарни