Европски парламент: Прекинат мандатот на Каили поради корупција / Photo: AA

Грчката европратеничка Ева Каили денес беше сменета од функцијата потпретседателка на Европскиот парламент поради обвинувањата за корупција.

Каили, една од 14-те потпретседатели на европското законодавно тело од грчката партија ПАСОК-КИНАЛ, во петокот беше приведена од белгиската полиција, откако нејзиниот дом беше претресен поради обвиненија за корупција, наводно поврзани со Катар.


Европскиот парламент ја соопшти одлуката за „прекинување на мандатот на
потпретседателката Ева Каили“.


„Одлуката утринава беше усвоена со 625 гласа „за“, еден против и два воздржани“, се додава во соопштението.


Соопштено е дека Европскиот парламент попладнево ќе одржи дебата за сомневањата за корупција, транспарентност и одговорност на европските институции и ќе гласа за резолуција за ова прашање во четврток околу пладне.


Шефицата на Европскиот парламент Роберта Мецола на Твитер објави дека „оваа одлука стапува во сила веднаш“.


„Ќе продолжиме во потполност да соработуваме со релевантните национални органи за спроведување на законот и судските власти“, рече таа.


Локалните медиуми јавија дека и таткото на Ева Каили бил приведен откако полицијата открила дека има голема сума пари во куфер. Европскиот парламент ќе започне внатрешна истрага за обвинувањата за корупција.


Катар ги отфрли обвинувањата како неосновани, категорично отфрлајќи ги сите обиди да се поврзат со обвинувањата за недолично однесување.

TRT Balkan / агенции
Популарни