Европскиот совет одобри продолжување на привремената заштита на овие лица до 4 март 2026 година / Photo: AA

Речиси 4,3 милиони Украинци се под привремена заштита во земјите-членки на Европската унија, покажуваат официјалните податоци на Евростат.

„Од 31 мај 2024 година, приближно 4,3 милиони луѓе кои побегнале од со војна погодена Украина и кои не се државјани на земјите-членки на ЕУ имаат статус на привремена заштита во ЕУ“, се вели во соопштението на Евростат.

Жените сочинуваат 45,6 отсто од таа популација, децата 32,5 отсто, а возрасните мажи 21,9 отсто.

Најголем број такви лица има во Германија, 1.332.515, што е 31,3 од нивниот вкупен број во ЕУ.

Следат Полска со 953.255 лица од Украина со статус на привремена заштита (22,4 отсто) и Чешка со 356.405 такви лица (8,4 отсто).

Споредено со април 2024 година, бројот на такви лица во Германија е зголемен за 14.250, во Чешка за 11.000 и во Романија за 3.715.

Овие бројки се однесуваат на статусите на привремена заштита издадени врз основа на Одлуката за спроведување на Европскиот совет, која беше усвоена на 4 март 2022 година како одговор на масовниот прилив на бегалци од Украина.

На 25 јуни 2024 година, Европскиот совет одобри продолжување на привремената заштита на овие лица до 4 март 2026 година.

AA
Популарни