Во Агендата за 2030 искоренувањето на сиромаштијата е најголем предизвик     Фото: Reuters

Петти септември, денот на смртта на скопјанката Мајка Тереза (Гонџа Бојаџиу), е одреден од Обединетите Нации како Светски ден на милосрдието и добротворните организации.

Генералното собрание на меѓународната организација ја донесе оваа одлука како признание на напорите на поединци (вклучително и Мајка Тереза) и добротворни организации во ублажувањето на хуманитарните кризи и страдањата на народите.

Идејата на Обединетите нации е на овој начин да се подигне свеста и да се креира заедничка платформа за милосрдие во целиот свет и основање филантропски и волонтерски организации

Сиромаштијата најголем предизвик

Во Агендата за одржлив развој од 2030 година на Обединетите Нации, усвоена во септември 2015 година се вели дека искоренувањето на сиромаштијата во сите нејзини форми и димензии, вклучувајќи ја и екстремната сиромаштија е најголемиот глобален предизвик и услов за одржлив развој.

Во Агендата се повикува на зајакната глобална солидарност фокусирана особено на најранливите. Во неа е потенцирана улогата на приватниот сектор, граѓанските и филантропските организации. Целите на Агендата се групирани во неколку области: луѓе, планета, просперитет, мир и партнерство.

Колку изнесува хуманитарната помош во светот?

Според Меѓународниот извештај за хуманитарна помош во 2021 година се зголемил бројот на луѓе на кои таа им е потребна. Се проценува дека 360 милиони луѓе имаат потреба. Тоа е 90,4 милиони повеќе од 2019 година пред пандемијата на Ковид-19.

Половина од оние на кои им е потребна помош живееле во девет земји. Бројот на земји кои се соочуваат со криза се искачи на 36.

Според Европската Унија, во 2021 година била доделена хуманитарна помош од 2,2 милијарди евра. Хуманитарниот воздушен мост на ЕУ ги организираше летовите за испорака на повеќе од 400 тони медицинска и хуманитарна опрема и за транспорт на медицински и хуманитарен персонал и други патници во 2021 година.

Мисијата на Мајка Тереза

Мајка Тереза, калуѓерка и мисионерка е родена во Скопје во 1910 година како Агнеса Гонџа Бојаџиу. Во 1928 година заминала за Индија каде што се посветила на помагање на сиромашните. Во 1948 година станала индиска државјанка и го основала Здружението на мисионери на милосрдието во Калкута во 1950 година.

Повеќе од 45 години им служела на сиромашните, болните. Нејзината работа е препознаена во целиот свет. Има добиено повеќе награди вклучително и Нобеловата награда мир. Почина во 1997 на 87 години. Во 2016 беше прогласена за светица.

TRT Balkan / агенции
Популарни