Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој вчера беше застрелан во градот Хандлови, го чека уште една операција, пишува словачкиот портал Правда.
Абдоменалното крварење на Фицо е запрено, но го чека операција на колкот. Во меѓувреме, полицијата го обвини напаѓачот на премиерот за убиство со умисла и се соочува со казна од 25 години до доживотен затвор.
Како што пренесува порталот, напаѓачот, за кого медиумите пренесуваат дека е 71-годишниот писател Јурај Цинтула, рекол дека е горд на својот чин.
РТВС објави дека напаѓачот моментално се наоѓа во ќелијата на Националната агенција за криминал во Нитра.
Лекарите во текот на ноќта успеале да ја стабилизираат состојбата на словачкиот премиер по вчерашниот атентат, но се уште е критично, објави претходно денеска директорката на болницата во Банска Бистрица, Миријам Лапуникова.
Два медицински тима го оперираа словачкиот премиер пет часа. „Во моментов се преземаат дополнителни активности за подобрување на неговата состојба“, изјави словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак.
Словачкиот министер за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток денеска побара од вицепремиерот Томаш Тараба да го свика Советот за национална безбедност, а Владата ќе одржи седница.
Министерот за внатрешни работи информираше дека ќе ја зајакне заштитата на политичарите и одредени медиуми, пренесува словачки та3. Напаѓачот пукал пет пати, по што полицијата веднаш го привела и премиерот веднаш бил префрлен во болницата во Банска Бистрица.