Тој предупреди на големата хуманитарна криза предизвикана од израелските напади врз Појасот Газа  / Фото: AA

Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Хакан Фидан, предупреди за ситуацијата во Појасот Газа и нејзините ефекти врз глобалната стабилност, велејќи дека израелската окупација на палестинските територии се шири преку инвазија, масовно раселување, етничко чистење и воени злосторства.

Шефот на турската дипломатија Фидан им се обрати на учесниците на состанокот БРИКС+ кој се одржа на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на организацијата БРИКС.

Фидан истакна дека светот минува низ период на големи турбуленции во глобалните односи.

„Додека глобалната економија продолжува да покажува отпорност во периодот по пандемијата, геоекономските изгледи се и понатаму слаби. Сѐ уште се соочуваме со висока инфлација. Кршливоста продолжува, а геополитичките тензии може да ескалираат“, рече Фидан.

Фидан рече дека таканаречениот меѓународен систем заснован на правила е недоволен за да се обезбедат избалансирани и брзи решенија во овој период.

Тој особено предупреди на големата хуманитарна криза предизвикана од израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година.

„Поради лицемерието и стратешкото слепило на неколку луѓе, повеќе од 36.000 Палестинци ги загубија животите, милиони се раселени, а Појасот Газа е на работ на целосно уништување. Израелската окупација на палестинската територија се проширува преку инвазија, масовно раселување, етничко чистење и воени злосторства“, рече Фидан.

Тој ја коментираше и резолуцијата усвоена синоќа од Советот за безбедност на Обединетите нации, која го поддржува планот за прекин на огнот во Газа, како што беше предложен од американскиот претседател Џозеф Бајден.

„Иако ова е позитивен чекор, тој не е доволен. Без решение со две држави, не можеме да зборуваме за безбедноста ниту на Израел, ниту на Палестина“, нагласи Фидан.

Наведувајќи дека она што се случува во Газа пред очите на сите во изминатите осум месеци јасно покажува дека се прекршени меѓународните норми и вредности, Фидан рече дека не може да се дозволи со меѓународниот поредок да се управува со двојни стандарди. Тој додаде дека е потребна поголема соработка и дипломатија во меѓународните односи.

Потсети дека Туркије се залага за реформи на ОН, а особено на Советот за безбедност, во светло на слоганот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека „светот е поголем од пет“.

„Во овој контекст ја цениме нашата соработка со БРИКС. Сметаме дека различноста е важна алатка за зголемување на развојот и стабилноста“, заклучи Фидан.

AA
Популарни