Финската служба за безбедност и разузнавање ја предупреди Шведска на „зголемени закани“ од Русија, откако земјата официјално стана 32-та членка на НАТО со што стави крај на децениската неутралност по војната во Украина.
Финска, која дели 1.340 километри долга граница со Русија, се приклучи на НАТО на 4 април 2023 година, откако Русија ја започна својата „специјална воена операција“ во Украина на 24 февруари 2022 година.
Членството на нордиската земја во НАТО предизвика воени закани од Кремљ, при што рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот дека ја „влече“ Финска во воен сојуз и создава јаз меѓу Москва и Хелсинки.
Според финските власти, од приклучувањето кон западната воена алијанса, руските операции против земјата нагло се зголемиле. Финската служба за безбедност и разузнавање (Супо) предупреди дека истиот развој може да ја чека и Шведска.
„Мораме да бидеме подготвени“, изјави извршниот директор на Супо, Теему Турунен, за шведската локална телевизија SVT Nyheter.
„Никогаш не треба да ги потценувате можностите на руската разузнавачка служба. Тие се вешти и ние мора да бидеме подготвени“, додаде тој.
Во декември, Финска ја затвори границата со Русија, при што финските власти ја обвинија Москва дека извршила сомнителен „хибриден напад“ и намерно им помагала на недокументирани мигранти да преминат во нордиската земја, што Русија го негираше.
Но, дури и ако членството во НАТО доведе до зголемени закани од Москва на краток рок, постојат надежи дека соработката на алијансата ќе ја зајакне воената подготвеност на членките на долг рок, оценуваат финските и шведските власти.