Германија: Енергетската криза се заканува на снабдувањето на вода за пиење / Photo: AA

Енергетската криза и пореметувањата во синџирите на снабдување би можеле да го загрозат снабдувањето со вода за пиење во Германија, предупреди во вторникот индустриското здружение VCI.

Претседателот на VCI, Маркус Штајлеман, за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека општинските добавувачи се во проблем не само поради цените, туку и поради слабата достапност на основните хемикалии.

Посочи дека се соочуваат со недостиг од солна киселина која е потребна за прочистување на отпадните води. Тој додаде дека тоа се должи на високите цени на енергијата и пореметувањата во синџирите на снабдување.

Штајлеман додаде дека поради овие недостатоци, поединечните власти веќе суспендирале краткорочно некои од еколошките прописи.

„Ова значи дека се толерираат повисоки нивоа на фосфати во отпадните води, така што повисоките нивоа на фосфат може да се испуштаат во водните текови“, рече Штајлеман.

Истакна дека проблемот главно ги погодува отпадните води предупредувајќи на далекосежни проблеми за снабдување со водата за пиење.

„Ако тесните грла за снабдување продолжат да се развиваат драматично како што се во моментот, тогаш јасно е дека проблемот ќе се прелее и во залихите на вода за пиење“, рече Штајлеман.

Тој ги обвини политичарите во Германија дека не ја препознаваат сериозноста на ситуацијата.

TRT Balkan / агенции
Популарни