Германија денес ги повика своите граѓани да го напуштат Иран поради ескалацијата на тензиите во регионот, јавува Анадолу.
Министерството за надворешни работи даде препорака да не се патува во Иран откако израелските медиуми објавија дека Тел Авив размислува за напади врз ирански нафтени платформи и нуклеарни постројки како одговор на вчерашниот ракетен напад.
„На 1 октомври 2024 година Иранските вооружени сили извршија ракетен напад врз Израел. Се очекува контраодговор од Израелските вооружени сили. Не може да се исклучат напади врз иранска територија“, соопшти Министерството. „Ситуацијата во целиот регион е нестабилна и многу напната“, се додава.
Иран истрела околу 180 балистички проектили врз Израел вчера во услови на зголемени тензии во регионот на Блискиот Исток.
Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека нападот бил одговор за атентатите на водачот на Хамас, Исмаил Ханије, лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, и командантот на ИРГЦ, Абас Нилфорошан.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ракетниот напад е „голема грешка“ и дека Иран „ќе плати за тоа“.