Ирската полиција соопшти дека пет лица, вклучително и три мали деца, биле пренесени во болница по сериозниот инцидент во центарот на градот Даблин , за кој локалните медиуми објавија дека е напад со нож.
Во соопштението на полицијата се вели дека следи увид и дека во овој момент не се трага по друг осомничен.
Едно девојче се здобило со тешки телесни повреди, а другите две деца се згрижени со полесни повреди, соопшти полицијата.
Возрасна жена, исто така, се лекува од сериозни повреди, а возрасен маж има помалку сериозни повреди, додаде полицијата.
Локалните медиуми објавија дека луѓето биле избодени со нож на плоштадот Парнел во Даблин, кој е веднаш до главната сообраќајница на улицата О'Конел.
Полицијата соопшти дека местото на настанот останува затворено. „Ајриш тајмс“ објави дека главниот осомничен е приведен и се здобил со рани за кои се верува дека се самонанесени.
Се вели дека првите индиции сугерирале дека маж се обидел да нападне голем број млади луѓе и дека интервенирале случајни минувачи. Мотивот за нападот, кој се случи во близина на училиште на улица, не е утврден, додава „Ајриш тајмс“.