На парламентарните избори во Грција, конзервативната партија Нова демократија, предводена од актуелниот премиер Киријакос Мицотакис, извојува убедлива победа по досега преброените околу 80 отсто од гласовите. Според резултатите што ги објави Министерството за внатрешни работи, партијата Нова демократија освоила 40,48 отсто од гласовите, а Сириза 17,85 отсто, што е помалку од 20,07 отсто колку што имаше на претходните избори одржани на 21 мај.
Нова демократија освои апсолутно мнозинство во Парламентот и може да формира еднопартиска влада.
Социјалдемократската партија ПАСОК доби 12,06 отсто од гласовите, додека Комунистичката партија на Грција (ККЕ) би можела да биде четврта по големина со 7,57 отсто од гласовите.
Во меѓувреме, екстремно десничарската партија Спартанци, отворено поддржана од Илиас Касидиарис од забранетата неонацистичка Златна зора, освои над 4,72 отсто од гласовите и за првпат влезе во Парламентот.
Исто така, екстремно десничарската популистичка партија Грчко решение и екстремно десничарската религиозна партија Ники (Победа) го поминаа изборниот праг од три отсто и влегоа во Парламентот, со 4,5, односно 3,74 отсто.
Анкетите, исто така, покажуваат дека партијата Пловење за слобода основана од поранешната претседателка на Парламентот, Зои Константопулу, обезбеди места во Парламентот со 3,14 отсто, додека МеРА25 предводена од поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис остана надвор од Парламентот со 2,41 отсто од гласовите.
Стапката на излезност на изборите во неделата беше само 51,8 отсто, што е пад од 61,1 отсто колку што беше во првиот круг од изборите на 21 мај годинава.