Грузискиот парламент го отфрли ветото на претседателката Саломе Зурабишвили на законот за „транспарентност на странско влијание“, што предизвика контроверзии и масовни демонстрации во таа земја.
Парламентот гласаше за законот, познат во јавноста како „закон за странски агенти“, кој го доби првото одобрување на 17 април, второто на 1 мај, а последното трето на 14 мај. По третото одобрување претседателката Зурабишвили стави вето на актот на 18 мај.
На денешната седница, со која претседаваше претседателот на Парламентот, Шалва Папуашвили, Собранието повторно го изгласа тој закон со 84 гласа „за“ и четири гласа „против“.
На таа одлука бурно реагираа демонстрантите против законот собрани околу Собранието.
Демонстрантите извикуваа слогани против владата и законот и го опишаа законот како „руски закон“.
Поради донесување на законот протестите во Тбилиси траат повеќе од еден месец, а во неколку наврати имаше судир на демонстантите со полицијата.
Законот предвидува дека организациите во Грузија, кои добиваат повеќе од 20 отсто од своите средства од странство, мора да бидат регистрирани како „организација што ги реализира интересите на странска сила“ или ќе се соочат со казни. При пријавувањето, сите приходи мора да бидат презентирани од институциите и организациите.
Организациите ќе имаат и обврска секоја година да пополнуваат финансиски извештаи.
Законот му дава овластување на Министерството за правда да го истражува, испитува и следи случајот во секое време.