Европскиот парламент во средата побара построги казни за насилството врз жените и поефикасна помош за жртвите со усвојување директива која, според европратениците, ќе биде „пресвртница“ во напорите за борба против таквото насилство во Европа.
„На пленарната седница во Стразбур, со 522 гласа за, 27 против и 72 воздржани, Собранието ги усвои првите правила на ЕУ за борба против насилството врз жените и семејното насилство“, соопшти Европскиот парламент.
Новата директива бара усвојување построги закони за борба против сајбер насилството, поефикасна помош за жртвите и воведување мерки за спречување на силувањето. Забрането е осакатување на женските гениталии и принуден брак, а се воспоставуваат посебни упатства за кривични дела на Интернет, како што се откривање лични податоци и несакано испраќање на сексуално експлицитни материјали (т.н. сајберфлешинг).
Новото законодавство содржи подолг список на отежнувачки околности за кривични дела за кои се предвидени построги казни, како што се злосторствата против јавни личности, новинари или активисти за човекови права.
На тој список е вклучена и намерата да се казнуваат жртвите врз основа на нивниот пол, сексуална ориентација, боја на кожа, религија, социјално потекло и политичко убедување, како и желбата да се зачува или брани „честа“.
Безбедноста и благосостојбата на жртвите треба да бидат приоритет, вклучувајќи го и пристапот до засолништата.
Дополнително, треба да се обезбеди пристап до здравствени услуги, вклучително и здравствена заштита во областа на сексуалното и репродуктивното здравје, се наведува во директивата.
Властите на земјите-членки ќе имаат поголеми обврски во однос на известувањето и собирањето докази. Дополнително, ќе биде неопходно да се подигне јавната свест дека сексуалниот однос без согласност се смета за кривично дело.
Парламентот, исто така, инсистираше Комисијата да известува на секои пет години за тоа дали оваа директива треба да се ревидира.
„Парламентот го направи првиот чекор Европа да стане првиот континент во светот кој се бори против насилството врз жените. Ова е сеопфатен закон кој ќе го спречи насилството врз жените, ќе ги заштити жртвите и ќе ги гони сторителите, со што ќе обезбеди холистички пристап во борбата против овие ужасни злосторства“, рече коизвестувачот и член на Комитетот за права на жените и родова еднаквост Френсис Фицџералд (ЕПП, Ирска) по повод гласањето на директивата.
Новите правила ќе стапат во сила дваесет дена по нивното објавување во Службениот весник на Европската Унија. Земјите-членки ќе имаат три години да ги спроведат правилата.