Грузиската полиција употреби солзавец и шок-бомби во средата навечер за да ги растера демонстрантите кои се собраа пред парламентот во главниот град Тбилиси за да се спротивстават на усвојувањето на законот за странски агенти.
Полицијата интервенираше, кога според проценките, пред парламентотсе собраa околу 40.000 демонстранти, откако пратениците го усвоија законот за странски агенти во второ читање, објави Ројтерс.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го осуди насилството на полицијата во Тбилиси и ги повика властите во Грузија да останат на својот курс на патот кон ЕУ.
Протест против законот за странски агенти се одржа и во вторникот пред зградата на парламентот, кога исто така се судрија полицијата и демонстрантите, а безбедносните сили употребија солзавец и водени топови.
Законот за странски агенти беше осуден од грузиската опозиција и западните влади како автократски, а тој бара организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своите средства од странство да бидат регистрирани како „агенти“ кои зависат од странско влијание.