Гугл и Мета ќе плаќаат за вести во Индонезија / Photo: AA

Индонезискиот претседател Јоко Видодо потпиша нов закон со кој се обврзуваат технолошките гиганти, меѓу кои и Гугл и Мета, да им плаќаат на националните медиуми за вестите, објави локалниот медиум Џакарта пост.

Според новите регулативи, кои ќе стапат на сила во август оваа година, Гугл, Мета и другите технолошки гиганти ќе преговараат за партнерства со локалните медиуми и ќе плаќаат за вестите.

Според веста, во регулативата се предвидува технолошките платформи да им дадат приоритет на вестите кои доаѓаат од проверени медиуми за да го спречат ширењето на лажни вести во земјата и да придонесат во програмите за обука на новинари.

„Го потпишав претседателскиот Декрет за правата на објавувачите, со кој се регулира одговорноста на дигиталните платформи за поддршка на квалитетното новинарство, новинарство далеку од негативни содржини, новинарство што едуцира за напредокот на Индонезија“, истакна Видодо на социјалната платформа X.

Тој рече дека Владата сака одржливост на националната медиумска индустрија, со поправедна соработка меѓу медиумските компании и дигиталните платформи, истовремено обезбедувајќи јасна општа рамка за меѓусебна соработка.

Во септември минатата година Малезија соопшти дека размислува за регулирање на онлајн дигиталните платформи, вклучително и Мета и Гугл, за плаќање за вестите во оваа земја.

Австралија и Канада, исто така, воведоа закони со кои се бара од големите онлајн дигитални компании да им плаќаат на нивните домашни медиумски организации за вести на нивните фидови.

AA
Популарни