Гутереш изрази солидарност со муслиманите поради палењето на Куранот / Photo: AA

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази солидарност со светската муслиманска заедница на состанокот со Амбасадорската група на Организацијата за исламска соработка (ОИС).

Состанокот се одржа откако Салван Момика минатиот месец запали примерок од муслиманската света книга под полициска заштита пред џамија во Стокхолм, Шведска, што беше широко осудено во муслиманските земји.

Гутереш ги осуди актите на нетолеранција, насилство и исламофобија, кои ги влошуваат тензиите и придонесуваат за дискриминација и радикализација, се вели во соопштението на неговиот портпарол Стефан Дужарик.

Тој, исто така, ја изрази решеноста на ОН за целосно спроведување на Резолуцијата на Советот за човекови права за „спротивставување на верската омраза што претставува поттикнување дискриминација, непријателство или насилство“.

Советот за човекови права на ОН со седиште во Женева на 12 јули ги осуди неодамнешните напади врз Куранот и покрај гласовите на западните земји против Резолуцијата.

Резолуцијата, која повикува на осуда на нападите насочени кон Куранот и ги опишува како „акти на верска омраза“, беше ставена на гласање од 47-члениот Совет.

TRT Balkan / агенции
Популарни