Генералниот секретар на ОН повика на меѓународно единство     Фото: АА

Геополитичките поделби можат да ескалираат. Меѓународното единство е од суштинско значење, предупреди во говорот на Генералното собрание на Обединетите нации, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Според него претстојната зима е глобален предизвик, а меѓународната заедница не е подготвена или нема волја да се соочи со предизвиците токму поради геополитичките поделби кои ги поткопуваат Советот за безбедност, меѓународното право и довербата на луѓето во демократските институции.

„Потребна е сеопфатна акција. Немојте да имаме илузии. Се наоѓаме на немирно море. Зимата на глобалното незадоволство е на повидок”, рече Гутереш отворајќи ја дебатата на 77 заседание на Генералното собрание на ОН.

Гутереш се осврна и на Договорот за заштита на извозот на жито од украинските пристаништа на Црното Море. Тој беше постигнат со посредство на ОН и Туркије.

„Иницијативата за жито во Црното Море го отвори патот за безбедна пловидба на десетици бродови исполнети со многу потребна храна. Но, секој брод носи и еден од најретките производи на денешницата, надеж. Потребна ни е надеж, а повеќе ни треба акција“, рече генералниот секретар на ОН.

За дополнително ублажување на глобалната криза со храна според Гутереш вниманието сега мора да се сврти кон светските пазари за ѓубрива.

„Оваа година светот има доволно храна, проблемот е дистрибуцијата. Ако пазарот на ѓубрива не се стабилизира, проблемот следната година може да биде самото снабдување со храна“, рече тој.

Гутереш предупреди и на последиците од глобалното затоплување.

„Нашата планета гори. Луѓето страдаат, а најмногу најранливите. Повелбата на Обединетите нации и идеалите што ги претставува таа се во опасност. Ние имаме должност да дејствуваме а сепак сме заглавени во глобална дисфункција”, истакна генералниот секретар на Обединетите нации.

TRT Balkan / агенции
Популарни